|
Јан Улрих во својата кариера успеа да ги доживее сите подеми и падови. И покрај повремените жестоки критики од страна на печатот, во секој момент тој можеше да смета на своите фанови. Но, супер ѕвездата меѓу германските спортисти дефинитивно го згреши патот – „тенкото образложение“, што Улрих го даде во врска со обвинувањата за допинг е еднакво на признавање на вината. Анализа во моментот на најверојатниот крај на кариерата за талентот на столетието, Јан Улрих.
Велосипедизам? На почетокот на 90-тите години веројатно не постоеја многу спортови, што кај побликата важеа за помалку омилени. Тоа се смени, кога во 1996, извесен Јан Улрих во најнапорниот спортски настан на светот, Тур де Франс, во својата прва година како професионалец, извозе до второто место во генерален пласман. Родум од Рошток, Јан Улрих, момчето со симпатични сончеви пеги на лицето, како виор ги освои срцата на фановите. Сепак, стана вистински спортски херој дури следната сезона, кога стана првиот Германец што ја освоил Тур де Франс.
Неговиот елегантен стил во хронометар, неодоливиот ритам на планински етапи, големата издржливост, сето тоа во комбинација со - за еден велосипедист идеална градба на телото - се чинеше дека во преден план исплива талент на столетието, но не само тоа: сега и широката јавност одеднаш почна да се интересира за маратонските преноси со просечни коментатори. Специјалните емисии кои ги пренесуваа планинските етапи со финиш во селца со 5000 жители во француските Алпи, почнаа да ги соборуваат рекордите на гледаност. Јан Улрих од милиони гледачи, како мажи така и жени, направи фанови на велосипедискиот спорт.
Конкуренцијата со сите сили по победникот
Улрих долги години ќе остане непобедлив, предвидуваа експертите. Од година во година работите пополека се менуваа. Веќе во 1998 во ликот на Марко Пантани се појави еден посилен противник, Улрих го зазеде „само" второто место во генералниот пласман на Тур де Франс. Во 1999 „Уле" доживеа тежок пад и мораше да ја пропушти Тур де Франс. 2000, во дуелот на гигантите, Ленс Армстронг, реконвалесцентот од рак, беше човекот што го замени Јан Улрих во центарот на вниманието. Исто така и во наредните пет години победата ја однесе Американецот, Улрих заврши трипати втор, еднаш трет и еднаш на четврто место.
Во меѓувреме, новинарите како веќе да се навикнаа на фактот, дека Улрих - своевремено најмладиот светски првак во аматерска конкуренција на сите времиња - како да се претплати на позицијата зад победникот. Му беше простена дури и суспензијата во 2002 поради допинг т.е. поради конзумирање на две екстази таблети непосредно пред Тур де Франс. Сообраќајна незгода и бег од местото на настанот во една весела ноќ и забава во Фрајбург? Лански снег! Едноставно беше премногу убаво, од година во година човек да присустува на хајките на конкуренцијата во врелината на француското лето и да се насладува на сеќавањето на првата и едниствената победа на еден германски велосипедист на Тур де Франс. Да, изгледаше дури и дека на публиката и се допаѓаше да го перцепира Улрих како симпатичен победник зад официјалниот победник. Како на пример во 2003, кога беше толку близу како никогаш дотогаш да го победи "вонземјанинот" Ленс Армстронг.
Шпанското допинг-мочуриште со себе го повлече и Улрих
На мнозинството гледачи му беше сеедно, дали Улрих победува или не - најважно им беше што и херојот е во конкуренција. А, во ракавот имаа уште еден џокер: и по враќањето на Армстронг сепак постоеја шанси за победа на Тур, без разлика на тоа колку кила ќе „качеше“ буцкастиот убавец на велосипед во текот на пролетта. Денес станува јасно дека Улрих сакаше на свој сопствен начин да ја игра улогата на трагичен јунак. Но, притоа имаше заборавено дека не мора по секоја цена да се победи, за да се биде славен од фановите.
Индициите за истрага на шпанската „Guardia civil“ покажаа дека Јан Улрих отишол предалеку во битката за нова победа на Тур де Франс. Во текот на откривањето за користење на допинг околу докторот Фуентес, јунакот на две тркала доживува пад во есента на својата кариера. Секојдневно се редеа нови шекулации за допинг: Не само автологен допинг, туку и хормони за раст. Не само во пресрет на Тур де Франс, туку и претходната година биле преземени илегални мерки не само кај Улрих, туку и кај неговиот сомнителен придружник, Руди Певенаж. Јунаштвото се претвори во трагедија.
Да, точно е дека во правен спор важи максимата „in dubio pro reo“. Молчењето на Улрих, препорака на неговиот адвокат, дури и по две седмици од неговото суспендирање не поправи ништо. Дури и ја влоши ситуацијата, бидејќи наликуваше на признание. За Улрих ова значеше ненадеен крај на кариерата, иако успеал да извојува една победа и да дојде до шест подиуми на најнапорната спортска трка на светот, Тур де Франс. Покрај тоа, запишани му се една златна и една сребрена медалја на Олимписките игри, како и победи на Вуелта и Тур де Свис. Недокажаните обвиненија за допинг за неговите фанови сепак претставуваат шлаканица в лице. Пристојниот Улрих. Спортист и олимписки победник. Носителот на плакетата за фер-плеј на Германското олимписко друштво, замешан во голема допинг-афера?
На хероите да им биде простено!
Доколку Улрих во 2006 завршеше дури и како втор на Тур де Франс - ќе станеше збор за маргинална вест, доколку се осврнеме на неговата кариера од пред неколку години. Но, изгледа дека јунакот си поставил превисоки цели во битката за уште неколку години сеќавање во колективната свест на спортската нација. Оној, кој се допингува, не оди само до дозволените граници, туку истите ги пречекорува со милји. Сосема е ирелевантно, дали нашиот јунак ги смета виновни медиумите поради големите очекувања што ги полааг во него. Исто така е небитно, дали допингот во велосипедизмот веќе со децении е вообичаена пракса или не. Бидејќи милиони деца и тинејџери во Германија, Европа и ширум целиот свет се угледуваат на велосипедистите, па дури и ги идеализираат. Доколку Улрих, талентот на столетието, навистина користел недосволени супстанци - тој најдобро би требало да го знае тоа.
Во краен случај - на хероите им се простува. Дали некој сè сеќава дека Руди Алтиг некогаш нарекуван „аптека на тркала”? Ако херојот Јан Улрих навистина не може да ја докаже својата невиност - а надежта пак умира последна - сепак треба барем да признае, дека направил глупости. Илузијата е веќе уништена. Доколку пак и понатаму продолжи да молчи, велосипедизмот ќе остане таму, каде што се наоѓаше на почетокот на кариерата на спортсменот Јан Улрих - меѓу безначајните.
Tekst: Achim Bross / C6 Magazine
Foto Graham Watson / www.grahamwatson.com
|