| Волшебникот од Калдоназо - Прв Дел |
|
|
| Thursday, 14 January 2010 12:21 |
|
Дарио Пегорети не изгледа како човек кој ги поминува деновите изработувајќи велосипеди. Не носи целосни панталони, нема молив позади уво, ниту маса за цртање. На прв поглед, работилницата на Дарио потсетува на вајарско студио. Неговите ремек дела се насекаде. Џон Колтрејн свири во позадина. “Вистински” велосипеди со муфови и групи од 50 годишнината на Кампањоло висат на ѕидовите. Подот, како во фабрика, е покриен со струготини и остатоци од првокласен челик. Чад од цигари игра околу машините. Организиран хаос кој не се споредува со стерилните работилници на Пинарело и Чинели. Работилницата на Дарио во Калдоназо е место за работа.
Дваесет километри надвор од Тренто во Доломитите на Северна Италија, длабоко во бојното поле на Giro, Дарио Пегорети, заедно со Пиетро и Мануела скромно изработува првокласни рамки. На аеродромот во Венеција нé пречека дождливо време. Патувавме два часа северно низ Доломитите покриени со снег, коишто ни беа во план да ги истражуваме следните неколку дена. Во Калдоназо атмосферата веќе беше потопла. Дарио нé пречека со ручек. По неколку шишиња вино завршивме со една или две чашки грапа-ракија и кафе од најистоштената еспресо машина во Италија. После неколку часови во наше присуство, Дарио се фрли на работа. Го гледавме како со сребро зацврстува тенки парчиња челик, кои ласерски се вметнати во долната цевка на една од неговите рамки. Технологијата, вели тој, е позајмена од челичните рамки за велодром кои на времето имале вметнати челични парчиња во задната вилушка, правејќи ја рамката пореспонсивна при спринт. Го правеше тоа со толку внимание..... импресивно.
Својата умешност да изработува рамки Пегорети ја облагородува во работилницата на својот свекор Џино Милани во Иљаси, близу Верона. Велосипедите на Милани никогаш не беа некоја помпезна вест, но г-н Милани беше всушност еден од водечките изработувачи на рамки за велосипеди во 1970-тите години. Локалните тркачи беа благонаклонети кон неговото мајсторство. Работејќи за Милани, Дарио изработувал тимски рамки за локалните клубови и излегувал заедно со нив за да ја гледа својата “работа” во движење. Работата со локалните клубови му овозможила да стекне искуство и да го усоврши процесот на изработка. Полетот на велосипедот, според него, се реализира вистински само кога тој е во движење. Така, вели тој, можете да ја забележите техниката на тркачот и стилот на возењето велосипед. Би се направиле промени при што би се поправиле грешките, кои ќе се увидат лично – сето тоа беше суштинско искуство за Пегорети. Големиот технички пробив на Пегорети беше во деведесеттите години кога тој започна да експериметира сo ТИГ заварување. Во тој период Пегорети имаше блиска соработка со Дедачиаи и Ексел. Како резултат на овие заложби, се раѓаат неколку нови сетови на цевки (Dyna Lite и Радиус), кои во деведесетите станаа кулминација на челичната софистицираност.
“Постои причина да се создаде рамка со посебна форма, не само како прашање на следењето на самиот пазар, не само во однос на парите. Мислам дека е глупаво едноставно да се следи пазарот ... позабавно е самото создавање на пазарот, но секако е и многу напорно .... “ Во тие години се раѓа легендата за рамките на Пегорети. Тој почнува да изработува рамки за шампиони, победници на Tour, па дури и за поранешниот ProCycling - тестер на велосипеди Роберт Милер, кој обично не е наклонет кон старите челични рамки:
“Во светот на соништата можете да имате Пегорети изработен од алуминиум за деновите кога би посакувале цврст велосипед, соодветен да ја преживее типичната белгиска класика, а кога ќе се впуштите во планините можете да го изнесете челичниот Марчело. Прекрасно презентиран и изработен, овој велосипед е употреблива егзотика, лесен но не и кревок, едноставен но не и смотан. Прекрасен.” Роберт Милар, ProCycling 2001
Така од 1991 до 1997 Пегорети изработува рамки ексклузивно за познати италиjански брендови на велосипеди, кои беа избор на неколку професионални тимови. Мајсторството на Дарио во тие години можеше да се забележи на секоја позначајна трка, но секогаш со друго име. Погледнете го велосипедот на Мигел Индураин, Стефан Роше, Марко Пантани, Клаудио Чиапучи за време на овој период. Работата на Дарио е препознатлива. На пример, продолжената главна цевка на Индураин беше и сé уште е обележје на Пегорети. Перфектно изработените рамки на волшебникот од Калдоназо беа многу полесни од рамките изработени со муфови кои во тој период беа секојдневие. Новина која беше високо на листата на секој професионалец. Така што, откако се вративме од пријатното возење околу езерото Калдоназо, започнавме да го прашуваме за неговата работа за професионалните тимови во раните деведесетти.
Интервју со Дарио Пегорети следува.... |










